Шведска со препорака: да се запре посвојувањето деца од странство, истрагата откри злоупотреби

пред 2 дена

Шведската комисија денес препорача посвојувањето деца од странство да се суспендира откако истрагата откри низа злоупотреби и измами што датираат од пред неколку децении во таа земја.

Комисијата беше формирана во 2021 година по извештајот на шведскиот весник „Дагенс Нихетер“, во кој детално е опишан проблематичниот систем на посвојување деца од странство во таа скандинавска земја.

Нејзините препораки беа испратени до министерката за социјални услуги, Камила Валтерсон Гренвал.

„Задачата беше да се испита дали имало неправилности за кои службите во Шведска знаеле, можеле да ги направат и што всушност направиле“, рече Ана Сингер, правен експерт и претседател на комисијата.

„А актерите го вклучуваат секој што имал каква било врска со активностите на меѓународното посвојување деца од Шведска“, додаде таа.

„Ова ги вклучува владата, надзорните органи, разни други организации, општините и судовите. И заклучокот е дека имало неправилности во посвојувањата од странство во Шведска“, нагласи таа.

Комисијата ја повика владата официјално да им се извини на посвоените и нивните семејства. Истражителите пронајдоа потврдени случаи на трговија со деца во секоја деценија од 1970-тите до 2000-тите.

Сингер рече дека јавното извинување, покрај тоа што е важно за оние кои се лично засегнати, може да помогне во подигањето на свеста за прекршувањата на законот, бидејќи постои тенденција да се игнорира постоењето и значењето на злоупотребите.

Истрагата на Асошиејтед Прес минатата година откри сомнителни практики на собирање деца и лажна документација во програмата за посвојување во странство на Јужна Кореја, која достигна врв во 1970-тите и 1980-тите години, поради огромната побарувачка за бебиња на Запад.

Овие наоди претставуваат предизвик за меѓународниот систем на посвојување деца од странство, кој е изграден врз моделот создаден во Јужна Кореја.

Холандија минатата година објави дека повеќе нема да им дозволува на своите граѓани да посвојуваат од странство. Единствената странска агенција за посвојување во Данска објави дека се затвора, а Швајцарија се извини што не ги спречила нелегалните посвојувања.

Текстот Шведска со препорака: да се запре посвојувањето деца од странство, истрагата откри злоупотреби е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top