Според проценките на шпанските власти, околу 460.000 луѓе отпатувале во Шпанија за да го набљудуваат целосното затемнување на сонцето денес, а хотелите во таа земја објавија дека патници од многу земји од светот го резервирале својот смештај неколку месеци однапред.
Се очекува дека повеќе од 300.000 од нив ќе се упатат кон градовите и селата во рурална Шпанија за да го бараат најдоброто место за набљудување на затемнувањето на сонцето, а службениците низ цела Шпанија очекуваат уште околу милион и пол луѓе кои ќе патуваат со автомобил до дестинации погодни за набљудување на затемнувањето, објавува „Гардијан“.
Тоталното затемнување на сонцето ќе започне во западна Шпанија од 19:30 до 19:33 часот по локално време, а врвот на затемнувањето ќе се случи непосредно пред зајдисонце – околу 20:28 до 20:32 часот по локално време.
Шпанските власти објавија дека, поради временските предупредувања кои предвидуваат температури до 40 степени Целзиусови и висок ризик од шумски пожари, повеќе од 24.000 полицајци ќе бидат распоредени по патеката каде што ќе биде видливо целосното затемнување.
Службениците проценија дека дури шест милиони луѓе би можеле да се соберат по патеката на затемнувањето, која се протега околу 200 километри од Ла Коруња во северозападна Шпанија до медитеранскиот остров Мајорка.
Целосното затемнување на сонцето ќе биде видливо и во мал дел од Португалија и делови од Гренланд и Исланд, на север од Русија и Атлантскиот Океан.
фото/ЕПА
Текстот Шпанија под опсада од туристи поради затемнувањето на сонцето е превземен од МАКФАКС.




