Шпанскиот премиер најави помилување за притворените каталонски лидери

пред 3 години

Шпанската влада планира да ги помилува деветтемина лидери за неуспешниот обид за независност на Каталонија во 2017 година, објави денеска премиерот Педро Санчез.

Со помилувањата што ќе ги потврди владата на неделната седница, социјалистичкиот премиер Санчез сака да ги намали тензиите во североисточниот регион и на тој начин да започне преговори меѓу Мадрид и каталонските власти.

„Конфронтацијата не реши ниеден проблем“, рече тој во говорот во познатата опера во Барселона, настан на кој присуствуваа околу 300 претставници на каталонското граѓанско општество.

„За да се постигне договор, некој мора да го направи првиот чекор“, рече Санчез и додаде дека шпанската влада ќе го стори тоа.

Анкетите претходно покажаа дека околу 60 проценти од Шпанците, вклучувајќи ги скоро сите опозициски партии, се спротивставуваат на ослободувањето на деветтемина политичари и активисти приведени во 2019 година за нивната улога во хаотичните и понекогаш насилни настани што ја предизвикаа најголемата политичка криза во Шпанија во последните неколку децении.

Share
Scroll to Top