Вработените во Музејот Лувр во Париз гласаа за прекин на штрајкот што започна поради платите и условите за работа, иако нивните барања остануваат, изјавија претставници на синдикатот.
„На општ состанок одржан денес, вработените во Музејот Лувр едногласно одлучија да го прекинат штрајкот за да му се овозможи на музејот да се отвори и да прима посетители“, се вели во соопштението на синдикатот CFDT-Culture.
Музејот беше целосно затворен во понеделникот бидејќи вработените започнаа штрајк, а делумно е повторно отворен од средата. Музејот во вторник и онака не работи.
Синдикатите изјавија дека го осудуваат „недостатокот на конкретни одговори во врска со безбедносниот план на музејот и иднината на институцијата, во клима на влошување на инфраструктурата и влошување на условите за работа“.
Тие, исто така, изразија жалење за „молчењето на директорот на музејот, кој ниту се сретнал со вработените, ниту дал изјава“.
Закажан е нов состанок за 5 јануари за продолжување на започнатиот притисок, доколку не пристигнат очекуваните одговори.
Текстот Штрајкот во Лувр привремено прекинат е превземен од МАКФАКС.






