Јапонската премиерка Санае Такаичи денес патува во Соединетите Американски Држави на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, за која вели дека ќе биде „многу тешка“.
Главната тема на дискусијата ќе биде повикот на Трамп до Јапонија и другите сојузници да испратат воени бродови за да го обезбедат Ормутскиот теснец, а целата посета е комплицирана од последиците од војната што САД и Израел ја започнаа против Иран.
Посетата, која е предвидена да трае три дена, првично беше насочена кон трговија и зајакнување на сојузот САД-Јапонија со оглед на растечкото влијание на Кина во Азија, но сега се очекува да остане во сенка на конфликтот на Блискиот Исток, објавува AP News.
„Мислам дека посетата на САД ќе биде многу тешка, но ќе направам сè за да ги заштитам нашите национални интереси и секојдневниот живот на луѓето колку што е можно повеќе, бидејќи ситуацијата се менува од ден на ден“, изјави Такаичи денес пред парламентот, неколку часа пред да замине.
Такаичи ја одржа својата прва средба со Трамп во октомври во Токио, неколку дена откако стана првата жена премиер на Јапонија. Тврдокорна конзервативка, Такаичи е штитеник на поранешниот премиер Шинзо Абе, кој разви блиско пријателство со Трамп.
Аналитичарите веруваат дека Такаичи ќе се најде во незавидна позиција и дека клучот за успехот на самитот ќе биде нејзината способност да му понуди на Трамп конкретни обврски и напредок во инвестициските договори. Јапонските претставници велат дека двете страни ќе работат на продлабочување на соработката во областите на регионалната безбедност, критичните минерали, енергијата и односите со Кина.
фото/епа
Текстот Јапонската премиерка ќе се сретне со Трамп: „Ќе биде многу тешка средба“ е превземен од МАКФАКС.





