Џиновски портрет на Трамп поставен над зградата на Министерството за труд во Вашингтон

Џиновски портрет на Трамп поставен над зградата на Министерството за труд во Вашингтон

пред 1 месец

Огромен портрет на Доналд Трамп се појави вчера на фасадата на зградата на Министерството за труд во Вашингтон. На него е прикажан вториот инаугуративен портрет на Трамп, заедно со логото на неговата иницијатива „Америка 250“ и слоганот „Американските работници на прво место“, и се протега на три ката од зградата, објавува „Њузвик“.

Овој потег предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, при што многумина го споредија со практиките на тоталитарните режими. „Изгледа како нешто што сум го видел и претходно…“ напиша демократскиот конгресмен Џим Мекговерн на Икс, прикачувајќи слика од портрет на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и неговиот татко.

Политикологот Еван А. Фајгенбаум направи паралела со кинескиот диктатор, пишувајќи: „Силни вибрации од претседателот Мао“. Официјалниот профил на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, објави слика од луѓе кои се поклонуваат пред статуа на Мао со саркастичен натпис: „ВИ БЛАГОДАРАМ, СЛАВЕН ЛИДЕР!“

Рој Нортон, вонреден доцент на Универзитетот во Ватерло, додаде свое набљудување: „Неодамна бев во Душанбе, Таџикистан (поранешната Советска Република). Постери од нивниот претседател (од 1994 година), Емомали Рахмон, исто така висат од владините згради таму“.

Авторитарните лидери долго време користеле портрети и транспаренти за проектирање на моќ, претворајќи ги јавните згради во алатки за лично величење. Во Советскиот Сојуз, лицето на Сталин доминираше во јавниот простор со децении, прикажувајќи го како сезнаечки и херојски лидер.

Критичарите се дополнително загрижени од фактот дека самиот Трамп си поиграл со идејата за диктатура во неколку наврати. Пред неговиот втор мандат, тој изјави дека ќе биде диктатор „уште од првиот ден“ на функцијата, а оваа недела посочи дека „многу“ Американци можеби ќе сакаат диктатор.

фото: принтскрин

Текстот Џиновски портрет на Трамп поставен над зградата на Министерството за труд во Вашингтон е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top