Вкупно 40 лица повредени во големиот пожар што го зафати Омиш и околината биле згрижени во КБЦ Сплит во текот на ноќта и денеска, соопштија лекарите на прес-конференција.
Од нив, 14 се хоспитализирани, а меѓу повредените има лица со тешки изгореници и повреди настанати поради вдишување чад. Седум пациенти се на респиратор, од кои шест возрасни и едно 17-годишно лице, според првично изнесените информации на прес-конференцијата.
Кај најтешко повредените, изгорениците зафаќаат меѓу 15 и 60 проценти од телото. Дел од пациентите имаат и инхалациски повреди, како и трауми здобиени при евакуацијата.
Поради големиот број повредени, се разгледува можноста дел од пациентите да бидат префрлени во болници во Загреб.
Меѓу повредените има претежно хрватски државјани, но и двајца странци – еден германски и еден полски државјанин.
17-годишниот пациент е сериозно повреден, но според лекарите засега не е во животна опасност.
Од КБЦ Сплит информираа дека дежурните служби биле засилени со лекари кои биле на годишен одмор или надвор од служба. Бановиќ го опиша медицинскиот одговор како исклучително добро организиран.
Тој ги повика граѓаните кои биле изложени на чад, но немаат сериозни симптоми, најпрво да се консултираат со својот лекар или со итните служби на терен, наместо сите веднаш да доаѓаат во болница.
Пленковиќ: Ова беше еден од најлошите пожари со кои се соочивме во последните години
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изрази жалење поради размерите на пожарот кој синоќа избувна кај Локва Рогозница и се прошири кон Омиш, во правец на Сплит и до Мимици кон Макарска.
„Она што е најважно, според она што сега го гледаме, засега нема утврдени човечки жртви. Мислам дека во ваков разорен и брз пожар тоа е една од подобрите вести“, изјави Пленковиќ.
Тој им се заблагодари на професионалните и доброволните пожарникари од Омиш и Сплитско-далматинската жупанија, како и на силите кои пристигнале од повеќе други делови на Хрватска. Благодарност упати и до полицијата, Црвениот крст, Хрватската армија, Капетанијата на пристаништата, ХЕП и останатите служби кои учествувале во гаснењето, евакуацијата и згрижувањето на населението.
„Ова беше еден од најлошите пожари со кои се соочивме во последните години“, рече хрватскиот премиер.
Текстот 40 повредени во големиот пожар кај Омиш, седум се на респиратор е превземен од МАКФАКС.




