(Oд минута во минута) Русите ја зазедоа најголемата европска нуклеарка која гореше, пожарот е изгаснат

пред 3 години

Деветти ден на руската инвазија на Украина.

Пожар избувна во реонот на украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа по, како што соопштија украинските власти, руското гранатирање. Во близина на нуклеарната централа вечерта и ноќе се воделе борби меѓу руските и украинските сили. Пожарот избувнал во управната зграда и бил локализиран во текот на ноќта.

Клучни настани:

Украина објави дека Запорожје, најголемата европска нуклеарна централа, е окупирана од руската војска
Пожарот во нуклеарната централа кој избувна по гранатирањето е изгаснат
Британскиот премиер Џонсон го обвини Путин дека ја загрозува безбедноста на цела Европа
Украинскиот претседател Зеленски ја обвини Русија за „нуклеарен тероризам“
Преговорите продолжија, но не беше договорен прекин на огнот или примирје, што го посакуваше Украина

08:50 Украина: Русите ја зазедоа нуклеарната централа

Државниот инспекторат за нуклеарна регулатива на Украина објави дека областа на нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, била окупирана од руската армија.

8.40: Агенцијата за атомска енергија: Во пожарот на нуклеарката не е оштетена основната опрема

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека украинскиот регулатор соопшти дека нема промена во пријавените нивоа на радијација и дека пожарот не ја зафатил основната опрема.

08:31 Изгаснат пожарот во најголемата нуклеарна центрaла во Европа

Украинските итни служби кажаа дека успеале да го изгаснат пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа, која ноќеска била нападната од руските сили. Како што објавија властите, пожарот бил предизвикан од неколкучасовното интензивно гранатирање и дека таму веќе нема борби.

Светските лидери и Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) го осудија нападот, додека САД го активираа својот Тим за одговор на нуклеарни инциденти. Оттаму додаваат дека се запалил петкатен тренинг објект и дека огнот не се проширил на самата централа.

08:30 Австрискиот претседател оптимист: Уверен сум дека конфликтот во Украина ќе го ставиме под контрола

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен се надева на примирје во Украина, но стравува дека ситуацијата во таа земја нема толку брзо да се смири.

„ Убеден сум дека овој конфликт ќе го ставиме под контрола“ изјави Ван дер Белен за јавниот сервис ОРФ, додавајќи дека не се осмелува да го спомене временското ограничување.

08:14 – Орлов: Гранатирањето на „Запорожје“ утринава престана, ситуацијата и натаму е тешка

Дмитро Орлов, градоначалникот на украинскиот град Енергодар, во близина на кој се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, утринава изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа се уште е тешка, иако гранатирањето престана.

08:14 – Шолц: Германија е подготвена да купува гас не само од Русија, туку и од други добавувачи

Германија прави максимални напори да добива гас не само од Русија, туку и од други добавувачи, изјави канцеларот Олаф Шолц за германскиот телевизиски канал ЗДФ.

08:13 – Нема жртви, но има ранети во нападот врз нуклеарната електрана Запорожје

По извршениот увид во петкатницата за обука на нуклеарната електрана Запорожје во Енергодар, констатирано е дека гореле просториите на третиот, четвртиот и петтиот кат. Жртви нема.

08:12 – Блинкен на средба со министрите за надворешни работи на НАТО поради руската инвазија

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска ќе има средба во Брисел со министрите за надворешни работи на НАТО, во врска со руската инвазија на Украина.

08:11 – Русија одбила да присуствува како набљудувач на воената вежба на НАТО во Норвешка

Русија одби да присуствува како набљудувач на претстојната вежба на НАТО во Норвешка, на која ќе учествуваат околу 30.000 војници на Алијансата од 27 земји.

08:06 – Шолц бара од Шредер да ги прекине деловните врски со Русија

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера побара од поранешниот канцелар Герхард Шредер да поднесе оставка од неговите позиции во руските државни компании, јави ДПА.

08:05 – Русија го ограничи пристапот до рускиот сервис на Би-Би-Си и Радио Слободна Европа

Руското тело за надзор на комуникациите го ограничи пристапот до рускиот сервис на Би-Би-Си, како и до Радио Слободна Европа и медиумот Медуза, јавија некои руски медиуми.

08:05 – Во Чешка од денеска стапува на сила вонредната состојба поради бегалците од Украина

Во Чешка од денеска стапува на сила вонредната состојба прогласена од владата поради големиот прилив на бегалци од Украина.

07:50 – Исплатата на заемот од Светска банка за Украина расте на 460 милиони евра

Итната исплата на готовина од Светска банка за Украина ќе порасне на 460 милиони евра со донаии од Шведска и Холандија и ќе биде поднесена на одобрување одборот денеска, јавија западни медиуми повикувајќи се на извори запознати со трансакцијата.

07:49 – ОН очекуваат дека од Украина ќе побегнат десет милиони луѓе

Од тој број, околу четири милиони луѓе би можеле да побегнат во соседните држави, но тоа е само проценка, изјави портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

Share
Scroll to Top