Адидас: Нашите патики ќе поскапат поради царините

Адидас: Нашите патики ќе поскапат поради царините

пред 4 часа

Како што објави Би-би-си, спортскиот гигант „Адидас“ предупреди дека царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп ќе доведат до повисоки цени за популарните модели на тениски патики на американскиот пазар.

„Бидејќи во моментов речиси ниту еден од нашите производи не произведуваме во САД, овие повисоки царини на крајот ќе предизвикаат зголемување на трошоците за сите наши производи наменети за американскиот пазар“, изјави извршниот директор на „Адидас“, Бјорн Гулден.

Компаниите во делот на текстилот и обувките се меѓу најтешко погодените од новите царини, бидејќи поголемиот дел од своето производство го имаат во земји како Кина и Виетнам, кои сега се соочуваат со значителни американски царини.

„Адидас“ не кажа за колку ќе се зголемат цените, но рече дека трговската војна „го спречила“ планираното подобрување на финансиските прогнози на компанијата. Гулден додаде дека „моментално е невозможно да се квантифицира“ точно колку ќе се зголемат трошоците поради царините или да се процени каков ефект ќе имаат тие врз побарувачката за производите на „Адидас“.

„Поради неизвесноста околу преговорите меѓу САД и различните извозници, не знаеме колку ќе бидат царините на крајот. Поради ова, не можеме да донесеме конечни одлуки за понатамошните чекори“, рече Гулден.

Виетнам стана глобален центар за производство на спортски обувки и сега се соочува со едни од највисоките американски царини. Најк, Пума и Адидас имаат големи производствени капацитети во Југоисточна Азија.

Администрацијата на Трамп тврди дека царините имаат за цел да го поттикнат враќањето на производството во САД. Но, компании како „Адидас“ предупредуваат дека на САД им недостасуваат фабрики со специјализирана опрема и работници со потребното знаење за производство на спортски обувки.

Во разговор со новинарите, Гулден откри дека „Адидас“, со цел да го ублажи ефектот од царините, го зголемил извозот на производи во САД пред нивната примена и ги пренасочил производите од Кина наменети за американскиот пазар кон други пазари.

Компанијата минатата недела објави прелиминарни финансиски резултати, според кои нејзината добивка речиси се дуплираше – на 610 милиони евра во првите три месеци од годината, што е најсилниот резултат за тој период во историјата на „Адидас“.

Модели како Samba доживеаја голема побарувачка, а продажбата се зголеми на сите пазари надвор од САД.

„Иронично, сега имаме предност што не сме толку зависни од САД како можеби некои од нашите американски конкуренти“, рече Гулден, алудирајќи на главниот конкурент Најк.

Текстот Адидас: Нашите патики ќе поскапат поради царините е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top