Член на американскиот конгресен комитет што ја истражува аферата Епстин изјави дека скандалот би можел да означи „крај на монархијата“.
Конгресменот Ро Кана верува дека кралот Чарлс и кралицата Камила мора да одговорат на прашања за Ендру Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот кој беше вмешан во аферата, објави Скај њуз.
Кана, демократот зад законодавството што доведе до објавување на документите за Епстин, рече дека верува оти британската монархија е во својата најранлива точка во историјата.
„На кралот и кралицата треба да им се постават прашања, а ова потенцијално би можело да биде крај на монархијата“, изјави тој за Скај њуз.
„Ако немаат одговори, ако се вмешани во аферата Епстин, тоа не изгледа добро за британската монархија“.
„Кралот мора да одговори што знаел, што знаел за Ендру, а само одземањето на титулата на Ендру не е доволно“, додаде тој.
„Ендру мора да излезе пред нашиот комитет и да почне да одговара на прашања. Не мислам дека соодветна казна е тој повеќе да не е принц. Мора да има нешто повеќе од тоа.“
Тој, исто така, го критикуваше кралското дистанцирање.
„Не го разбирам овој британски обичај кралот и кралицата да се навредуваат ако некој им постави прашање. Ајде, ве молам. Тие се само човечки суштества, носат иста облека и јадат иста храна, мора да одговорат на истите прашања како и сите други.“
Ендру Маунтбатен-Виндзор ги негираше обвинувањата за злоупотреба и нема индикации дека поширокото кралско семејство имало какви било врски со Џефри Епстин. Сепак, осудениот педофил бил поканет во Бакингемската палата и го посетил имотот Балморал. Неговата соработничка и осудена за сексуална трговија со луѓе, Гислајн Максвел, исто така е фотографирана во Сандрингам со Ендру.
Текстот Американски конгресмен: Аферата Епстин може да биде крај на монархијата е превземен од МАКФАКС.






