Американскиот државен секретар: НАТО размислува за понатамошно проширување во Источна Европа

пред 3 години

НАТО размислува за натамошно проширување во Источна Европа со повеќе постојани позиции во балтичките земји, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Ова го правиме со распоредување дополнителни сили, вклучително и американски, во Литванија, испраќајќи борбени авиони и друга важна опрема во балтичките земји“, рече Блинкен на прес-конференција во главниот град на Литванија, Вилнус.

Блинкен на конференцијата зборуваше заедно со литванскиот министер за надворешни работи Гарбриелиус Ландсбергис.

„Истовремено, во рамките на НАТО, ние континуирано ја преиспитуваме нашата одбранбена позиција и размислуваме за пошироко распоредување на силите и потрајно распоредување. Сето ова е под редовна проверка и разговараме за тоа со нашите сојузници во НАТО“, рече Блинкен.

Тој повтори дека САД и нивните сојузници многу сериозно го сфаќаат членот 5 на НАТО, во кој се вели дека напад врз една земја е напад врз сите членки.

„Доколку се случи агресија некаде на територијата на НАТО, ние и нашите сојузници ќе ги преземеме сите мерки за одбрана на секоја педа од територијата на НАТО“, рече тој.

Share
Scroll to Top