Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
По средбата се одржа прес-конференција на која Лавров рече дека генералниот секретар на ОН е многу добро информиран за целите на руската специјална воена операција во Украина. Тој рече дека конфликтот е опасен повик за будење за Обединетите нации и ја обвини меѓународната организација дека се обидува да ги промени основните правила на својата повелба.
Гутереш рече дека ОН се подготвени целосно да ги мобилизираат своите човечки и логистички ресурси за да помогнат во спасувањето животи во Мариупол.
Опишувајќи ја ситуацијата во градот како „криза во криза“, тој предложи ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – заедно со руските и украинските сили – да соработуваат за да им овозможат на луѓето да одат во која насока самите ќе изберат.
По жалбата на Лавров дека ОН не се вклучиле по однос на, како што ги нарече, украинските злосторства во Луганск и Донецк, Гутереш се вмеша и го кажа своето мислење.
Тој рече дека разбира оти Русија има многу жалби, но дека има голем број механизми со кои може да се решат жалбите.
„Постои една работа што е вистина и очигледна и која ниту еден аргумент не може да ја смени“, рече Гутереш. „Немаме украински војници на територијата на Руската Федерација, но имаме руски војници на територијата на Украинската Федерација“, додаде генералниот секретар на ОН.
Тој, исто така, ги негираше тврдењата на Лавров дека ОН се обидуваат да ги пречкртаат основните правила од својата повелба, велејќи дека групата целосно ги почитува сите резолуции на Генералното собрание и Советот за безбедност.
Лицето на шефот на руската дипломатија беше камено по говорот на Гутереш, пренесуваат светските медиуми.