Џордан Бардела доби нов мандат на чело на француската опозициска партија Национално собрание, откако на конгресот во Орлеан беше реизбран без противкандидат. Тој најави дека ќе ѝ помогне на Марин Ле Пен да стигне до Елисејската палата на претседателските избори во 2027 година.
Џордан Бардела денеска повторно беше избран за претседател на француската партија Национално собрание (Rassemblement National), освојувајќи 98,98 отсто од гласовите на партискиот конгрес во Орлеан, град југозападно од Париз.
Бардела беше единствениот кандидат за функцијата, а по реизборот пред неколку илјади членови и поддржувачи на партијата порача дека ќе му биде потребна нивната поддршка за Марин Ле Пен да стане претседателка на Франција.
„За да ја одведам Марин во Елисејската палата, ќе ми требате вие“, изјави Бардела.
Тој е пратеник во Европскиот парламент, а на чело на Националното собрание е од 2022 година. Партијата е основана во 1972 година и претставува една од главните опозициски политички сили во Франција.
Бардела утре треба да одржи говор во салата „Зенит д’Орлеан“, по што пред присутните ќе се обрати и Марин Ле Пен, која е кандидатка на партијата за претседателските избори во 2027 година.
Реизборот на Бардела доаѓа во период кога партијата се подготвува за следната претседателска трка, во која Ле Пен повторно ќе се обиде да стигне до највисоката функција во Франција.
Текстот Бардела реизбран за претседател на француското Национално собрание со 98,98 отсто од гласовите е превземен од МАКФАКС.




