Демократскиот кандидат за претседател на САД, Џо Бајден, го обвини „Фејсбук“ за губење на потенцијални половина милион долари за финансирање на изборната кампања.
Ова се случи затоа што беше невозможно да се прикажат одредени објави кои повикуваат на финансирање на кампањата.
Од „Фејсбук“ соопштија дека имале технички потешкотии при прикажување на спонзорирани објави во текот на оваа недела.
Од компанијата велат дека проблемите влијаеле врз кампањата на двајцата претседателски кандидати.
Како и Бајден, така и кандидатот за претседател на Републиканската партија и сегашен лидер на САД, Доналд Трамп, ја користи оваа социјална мрежа за да собере пари за кампањата. И двајцата потрошија десетици милиони долари за рекламирање на оваа мрежа.
„Фејсбук“ наведе дека техничките потешкотии се предизвикани од промената на политиката за рекламирање.