Американскиот претседател Џо Бајден во Питсбург, Пенсилванија, го претстави планот за обновување на инфраструктурата, кој вклучува реконструкција на патишта, мостови, водоводни системи, како и оние за напојување со електрична енергија. Планот го опфаќа и јавниот превоз.
Во следните осум години треба да се распределат два билиони долари, а по тој повод Бајден рече: „Предлагам национален план што ја цени работата, а не само богатството; оној што гради фер економија што дава можност за секого да успее. Ќе создадеме најсилна, најиздржлива и најиновативна економија во светот. Тоа не е план што се врти околу рабовите, тоа е генерациска инвестиција во Америка“.
Бајден исто така рече дека тоа е можност сите да бидат подобри, пренесува Гласот на Америка. „Треба да ја градиме економијата од дното нагоре. Волстрит не ја изгради оваа земја, туку вие, вредни работници и синдикалци. Сите се поканети да учествуваат, без оглед на разликите што постојат меѓу нив”, рече американскиот претседател.
Веќе подолго време во јавноста се тврди дека администрацијата на Бајден има намера да ја зголеми стапката на данок на доход, која беше намалена за време на мандатот на Доналд Трамп, од 35 на 21 процент. Поточно, Белата куќа планира да ја финансира потрошувачката со зголемување на стапката на данок на доход на 28 проценти.
„Тоа се многу вредни инвестиции кои, како што утврдија експерти од широк спектар на области, ќе придонесат за решавање на проблемите и за подобрување на економската ефикасност. Сметаме дека тоа се инвестиции што, како држава, не можеме да си ги дозволиме”, изјави официјален претставник на администрацијата на Бајден.