Бајден до кинескиот претседател: Конкуренција меѓу нашите земји да не ескалира во конфликт

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг разговараа за кинеската политика во Тибет, Хонг Конг и Ксинџијанг, меѓу другите спорни области, се вели во соопштението на Белата куќа, по виртуелниот разговор меѓу двајцата претседатели кој траеше повеќе од три часа.

„Претседателот Бајден изрази загриженост за практиките на Кина во Ксинџијанг, Тибет и Хонг Конг, како и за човековите права воопшто“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Двајцата претседатели ветија дека ќе работат заедно на енергетските и климатските прашања.

Џинпинг, пак, му рекол на Бајден дека неговата земја ќе мора да преземе одлучна акција доколку силите за протајванска независност ја преминат црвената линија, објавија кинеските државни медиуми.

Пекинг вети дека ќе го стави Тајван под кинеска контрола, доколку е потребно со сила. Двајцата лидери ја истакнаа нивната одговорност кон светот во однос на избегнувањето на конфликт.

„Ми се чини дека наша одговорност како лидери на Кина и САД е да обезбедиме нашата конкуренција меѓу нашите земји да не ескалира во конфликт, било намерно или ненамерно“, рече Бајден. „Само едноставна, јасна конкуренција“, додаде тој.

Зборувајќи со помош на преведувач, Си рече: „Како две најголеми светски економии и како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, Кина и САД мора да ја зголемат комуникацијата и соработката“.

Официјалната новинска агенција Ксинхуа ја опиша средбата како чесна, конструктивна, значајна и плодна.

Share
Scroll to Top