Претседателот на САД, Џо Бајден повторно воведе рестрикции за влез во САД за повеќето луѓе кои не се Американци, а доаѓаат од Велика Британија, Бразил, Ирска и поголем дел од Европа.
Новиот американски претседател ќе ја прошири таа забрана исто така и на лица кои неодамна биле во Јужна Африка, поради информации за појава на нови, преносливи видови на коронавирус во САД, рекол претставник на Белата куќа.
Неговата одлука влегува во рамката на планот на новата администрација за борба против коронавирусот во САД. Бајден во петокот оцени дека бројот на починати од Ковид-19 во САД треба да биде значително помал од 600.000.
Уште во првите денови од стапувањето на функцијата, Бајден ги заостри прописите за носење маски и нареди карантин за лицата кои доаѓаат во САД со авион.
Доналд Трамп во последните денови на власт објави дека ќе биде укината забраната за влез во САД за патници од поголем дел на Европа и Бразил, но администрацијата на Бајден соопшти дека веднаш ќе ја поништи таа наредба, која требало да стапи на сила на 26 јануари.