Без Америка, Европа запаѓа во воен ќорсокак, вели Орбан

Без Америка, Европа запаѓа во воен ќорсокак, вели Орбан

пред 3 часа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека американскиот мировен план претставува „излез од ќорсокакот“ и потенцијална „пресвртница“ во украинската криза, нагласувајќи дека Европската Унија е должна да го преиспита претходниот пристап кон финансирањето на воените операции на Киев.

Според него, Брисел треба да престане да обезбедува средства за поддршка на Украина, а овој став директно ѝ го пренесе на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Орбан предупреди дека во спротивно Унгарија ќе биде подготвена да го блокира целиот пакет помош на ЕУ, бидејќи верува дека европските даночни обврзници повеќе не можат да ги сносат трошоците за „војна без шанса за победа“.

Тој истакна дека прекинот на непријателствата ќе бара од европските лидери да ги признаат сопствените грешки, особено во однос на проценките дека е можно да се извојува победа исклучиво со материјална и воена поддршка од Западот. На социјалните мрежи, Орбан истакна дека во текот на претходните три и пол години, огромна количина европски пари е потрошена „за војна што не може да се добие на фронтот“.

„Доколку лидерите кои се залагаат за продолжување на воената политика продолжат да ја снабдуваат Украина со пари и оружје без поддршка од САД, тие ризикуваат да отворат пат кон директен европско-руски конфликт“, рече унгарскиот премиер.

Орбан, кој се смета за еден од најблиските европски сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп, проценува дека отфрлањето на мировниот план на Вашингтон би довело до долгорочно заладување на американскиот интерес во овој конфликт. Ова, предупредува тој, би ги оставило земјите од Европската Унија сами да се справат со последиците – за што, според него, не се подготвени.

Во Брисел, потегот на Орбан се смета за нов фактор на поделба во рамките на Унијата, но унгарскиот премиер останува на мислењето дека европските лидери имаат само две опции: да ги признаат сопствените неуспеси во политиката кон Русија или да продолжат по патот на ескалација, што, како што нагласува, би можело да доведе до „трагични последици“.

Будимпешта, заклучува Орбан, нема да ја поддржи политиката на конфронтација, туку „секогаш ќе го избере патот на мирот“.

Фото: принтскрин

Текстот Без Америка, Европа запаѓа во воен ќорсокак, вели Орбан е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top