Борел организираше вечера за лидерите на Западен Балкан во Њујорк

пред 3 години

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел приреди неформална вечера на маргините на Генералното собрание на ОН со лидерите на Западен Балкан на која се разговараше за ситуацијата во регионот и односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан, како и подготовките за самитот на почетокот на октомври.

На вечерата станало збор и за очекувањата во врска со пристапувањето во ЕУ.

„Високиот претставник ја подвлече потребата од силна посветеност на партнерите од Западен Балкан и Европската унија и нејзините земји-членки во надминување на сегашната динамика и придвижување на процесот“, се вели во денешното соопштение на Европската канцеларија за надворешни работи.

На синоќешната средба присуствуваа претседателите на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.
.
Тоа беше втора средба со лидерите на Западен Балкан, организирана од високиот претставник, по неформалната вечера во Брисел во мај, се додава во соопштението.

Share
Scroll to Top