Валш: Поскапите авионски билети во Европа се „неизбежни“ поради зголемувањето на цените на горивата

Валш: Поскапите авионски билети во Европа се „неизбежни“ поради зголемувањето на цените на горивата

пред 1 час

Повисоките цени на авионските билети во Европа се „неизбежни“ поради зголемувањето на трошоците за авионско гориво, предупреди генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), Вили Валш.

Во интервју за Би-Би-Си, Валш рече дека авиокомпаниите не можат да ги апсорбираат зголемените трошоци за гориво на долг рок, иако некои европски компании неодамна ги намалија цените на билетите поради послабата побарувачка.

Валш, исто така, предупреди на ризиците од снабдувањето пред летната сезона, наведувајќи дека британската авијација би можела да се соочи со потенцијален притисок врз снабдувањето со гориво за време на шпицот на сезоната, иако, како што нагласи, „нема причина за паника“.

Според него, дури и во случај на брзо отворање на Ормускиот теснец, нарушувањата на пазарот на нафта и штетите на рафинериите на Блискиот Исток би можеле да имаат долгорочен ефект врз цените на горивата.

„Едноставно нема начин авиокомпаниите да апсорбираат дополнителни трошоци“, рече Валш, додавајќи дека сите попусти би биле краткорочни и дека трошоците на крајот ќе бидат префрлени на патниците, пренесува Танјуг.

Тој предупреди дека проблемот може да трае неколку месеци, па дури и до следната година.

Европската унија објави дека не гледа регулаторни пречки за употребата на американското гориво за авиони, под услов неговиот увоз да се управува внимателно, додека комесарот за енергетика Ден Јоргенсен рече дека не очекува недостиг на краток рок, но дека постојат долгорочни ризици. Слични проценки доаѓаат и од туристичката индустрија – директорот на компанијата TUI, Себастијан Ебел, рече дека не очекува сериозни нарушувања во наредните месеци.

Британската влада изјави дека ја следи ситуацијата и соработува со авиокомпаниите со цел да се избегнат нарушувања и да се овозможи стабилно планирање на летовите во текот на летната сезона.

Текстот Валш: Поскапите авионски билети во Европа се „неизбежни“ поради зголемувањето на цените на горивата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top