Владата на Велика Британија разговара со Универзитетот „Оксфорд“ и „Астразенека“ околу дополнителни дози вакцина против Ковид-19 кои се модифицирани за подобро да се борат против бета-видот, откриен во Јужна Африка.
Велика Британија досега обезбеди 100 милиони дози вакцини на „Астразенека“, а Министерството за здравство наведува дека дополнителните дози се наменети за бета-видот, објави денеска „Ројтерс“.
Јужна Африка во февруари ја стави во мирување вакцината на „Астразенека“, откако податоците покажаа дека обезбедува минимална заштита против лесен и умерен облик на зараза од Ковид-19.
„Оксфорд“ смета дека видот е приоритетен во борбата против короната, додека „Астразенека“ најави развој на нови вакцини против разни видови до есен.
Министерот за здравство Мет Хенкок следната недела ќе биде домаќин на колегите од групата Г7 во Оксфорд и ќе ја нагласи улогата на Велика Британија во проектот „Оксфорд-Астразенека“.