Ветувачки резултати за вакцината против корона која се прима преку уста

пред 3 години

Испитувањата за експериментална орална вакцина како засилувачка доза против коронавирус кај мајмуни, што може да се дава на луѓе кои веќе имаат антитела од претходна вакцинаија или закрепнуваат од болеста, покажале ветувачки резултати и најверојатно наскоро истата ќе биде тестирана на луѓе, соопштија од компанијата која ја произведува.

Оралната бустер-доза на вакцината користи традиционална технологија за вакцини во која безопасен вирус носител ги пренесува протеините од коронавирус до клетките на површината на јазикот или на слузницата на образите и грлото, стимулирајќи производство на антитела кои можат да го блокираат вирусот пред тој да навлезе во телото, вели доктор Стивен Расел, извршен директор на „Виријад“ (Vyriad) во Рочестер, Минесота, кој ја водел студијата.

„Не само што оралната вакцина против Ковид-19 би била поедноставна и поприфатлива… туку може да доведе и до подобар имунитет бидејќи се применува на место од каде што коронавирусот обично влегува во организмот“, додава тој.

Кај мајмуните, една недела по вакцинацијата, нивото на антитела се зголемило речиси 100 пати, без никакви несакани ефекти, објаснува Расел.

Резултатите од студијата беа објавени на bioRxiv.

Се вели дека „Виријад“ соработува со американската Администрација за храна и лекови во однос на плановите за испитувања на луѓе.

Студијата сè уште не минала низ стручна рецензија.

Share
Scroll to Top