(Видео) Девет загинати и десетици повредени во разорна експлозија во полициска станица во Кашмир

(Видео) Девет загинати и десетици повредени во разорна експлозија во полициска станица во Кашмир

пред 3 часа

Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во тешка експлозија што вчера ја потресе полициската станица Новгам во индиски дел на Кашмир. Меѓу загинатите има припадници на полицијата, форензички експерти, службеници за приходи, како и цивили. Спасувачките тимови и денес ги пребаруваат урнатините, стравувајќи дека бројот на жртви би можел да се зголеми, бидејќи дел од повредените се во критична состојба, а неколку лица сè уште се водат како исчезнати.

Експлозијата се случила за време на вадење примероци од голема количина запленети експлозиви, дел од истрагата против терористичка група која делувала во Фаридабад. Во зградата на станицата биле складирани околу 350 килограми експлозив, од кои поголемиот дел бил донесен од истражителите како дел од доказниот материјал.

Повеќе од 30 лица се повредени — меѓу нив 27 полицајци, двајца административни службеници и три цивили. Заменик-комесарот на Сринагар, Акшај Лабра, ги посети повредените во болницата, додека екипи на безбедносните сили ја обезбедуваат областа и го пребаруваат целиот комплекс со помош на кучиња трагачи.

Генералниот директор на полицијата во Џаму и Кашмир, Налин Прабхат, изјави дека експлозијата била „несреќен случај“ и ги отфрли тврдењата на PAFF — организација поврзана со Џаиш-е-Мухамед — која наводно ја презеде одговорноста за инцидентот. Прабхат нагласи дека големата количина експлозив била внимателно транспортирана од Фаридабад, но сепак дошло до ненадејна и разорна детонација.

Истрагата за случајот открила дека складиштето од 350 килограми експлозив било пронајдено во изнајмена куќа на докторот Музамил Шакил Ганаи во Фаридабад, еден од осумтемина уапсени во операцијата. Истражителите трагаат по модул кој го воделе докторите Музамил Ганаие, Умар Наби и Музафар Ратер — последниот сè уште во бегство.

Во рамки на истрагата биле запленети и големи количини хемикалии — амониум нитрат, калиум нитрат и сулфур — како и дополнителни 2.900 килограми материјали од објект поврзан со друг лекар од Пулвама. Уапсен е и Адил Ратер, брат на еден од осомничените, кај кого била најдена автоматска пушка АК-56.

Текстот (Видео) Девет загинати и десетици повредени во разорна експлозија во полициска станица во Кашмир е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top