Иранскиот брег на Персискиот Залив оваа недела стана сцена на необични случувања, откако локални рибари ги оставиле рибарските мрежи и со мали моторни чамци и чамци за спасување се упатиле кон Ормускиот Теснец во потрага по вреден товар што пловел по морската површина.
Како што пренесува „Џерусалем пост“, повикувајќи се на извештај на британскиот „Телеграф“, по потонувањето на контејнерскиот брод „Џи-Еф-Ес Прајд“ на 14 октомври, во морето завршиле стотици нови ајфони, луксузни француски парфеми и друга стока за широка потрошувачка.
На снимките што се шират на социјалните мрежи се гледаат десетици рибари како пловат меѓу делумно потопените контејнери и извлекуваат кутии од водата. На една од снимките, мал чамец се обидува да одвлече голем, целосно натоварен транспортен контејнер.
Iranians recover new iPhones floating in Strait of Hormuz
https://t.co/V2IakWuW4b https://t.co/WGy6rj9eGP
— The Telegraph (@Telegraph) October 16, 2026
Властите во Сингапур, под чие знаме пловел бродот, потврдиле дека тој потонал по пожар што избил на палубата. Сите 21 член на екипажот биле евакуирани без повреди.
Сепак, морнарицата на иранската Револуционерна гарда тврди дека бродот скршнал во „неовластен и опасен“ пловен коридор и налетал на морска мина, по што потонал со повеќе од 2.500 контејнери.
Според наведените информации, ова е трет брод што потонал во тоа подрачје од избувнувањето на конфликтот кон крајот на февруари.
Засилени активности во Ормускиот Теснец
Инцидентот се случува во период на зголемени активности на иранската Револуционерна гарда во близина на стратешки важниот Ормуски Теснец.
Портпаролот на иранските вооружени сили, генералот Мохамад Акрамнија, минатиот петок изјавил дека повторното отворање на теснецот зависи од целосното повлекување на американските сили од регионот. Тој предупредил дека иранските сили ќе ги протераат со сила доколку останат.
Според него, присуството на странски сили ја загрозува безбедноста на пловидбата, а сопствениците на бродови биле повикани да ги користат исклучиво пловните коридори под надзор на иранската војска.
Во меѓувреме, иранската морнарица соопштила дека внимателно го следи пожарот на нафтен танкер во Оманскиот Залив, кој се обидел да помине низ „забранета зона“ откако ги исклучил системите за следење.
На другата страна на Арапскиот Полуостров, јеменското движење Хути ја засилило опсадата на градот Таиз, додека коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопштила дека пресретнала и уништила балистички ракети и беспилотни летала лансирани кон Ријад и пристаништата на Црвеното Море.
Текстот (Видео) Ирански рибари тргнаа во потрага по товар од потонат брод: Од морето извлекуваат ајфони и луксузни парфеми е превземен од МАКФАКС.




