По минувањето на тајфунот Калмаеги, на брегот на плажата во округот Тан Тхан во градот Хој Ан повторно се појавија остатоци од дрвен брод долги повеќе од 17 метри. Станува збор за брод што првпат беше откриен во 2023 година, но за кратко повторно беше покриен со песочни наноси. Овојпат морето ги исфрли во подобра состојба од очекуваното, предизвикувајќи голем интерес кај археолозите и јавноста.
Археолошките процени укажуваат дека бродот потекнува од периодот меѓу 14 и 16 век, време кога Хој Ан бил еден од најзначајните трговски центри во Југоисточна Азија, познат по трговијата со свила, керамика и зачини. Според истражувачите, пловилото служело за долги трговски патувања, а не се исклучува можноста да било користено и за воени цели.
Утврдено е дека конструкцијата е изработена од исклучително цврсто и издржливо дрво, дополнително зајакнато за да поднесе долги пловидби и сурови океански услови. Иако уште во 2023 година експертите предупредуваа дека остатоците треба да бидат заштитени од ерозија и непредвидливи временски влијанија, тогашните услови не дозволија пообемна интервенција.
По повторното појавување, местото стана атракција за локалните жители и туристите кои доаѓаат да го видат овој редок археолошки наод. Локалниот Центар за културно наследство најави итни мерки за заштита и стабилизација на остатоците, предупредувајќи дека постои реална опасност морето повторно да ги покрие.
Експертите оценуваат дека станува збор за еден од највредните поморски археолошки наоди во последните години. Доколку се обезбеди соодветна заштита и се спроведе детално истражување, бродот би можел да понуди значајни информации за трговските патишта, поморската технологија и историјата на регионот во доцниот среден век.
Текстот (Видео) Морето исфрли брод стар 600 години на плажа во Виетнам е превземен од МАКФАКС.






