(Видео) Огромно свлечиште во Сицилија: најмалку 1.500 жители се евакуирани

(Видео) Огромно свлечиште во Сицилија: најмалку 1.500 жители се евакуирани

пред 3 часа

Најмалку 1.500 жители на градот Нисеми, во јужна Сицилија, беа евакуирани од своите домови откако силната бура, предизвикана од циклонот Хари, предизвика големо свлечиште на ридот над градот. Свлечиштето отвори процеп долг околу четири километри, кој продолжува да се шири и се заканува да ги зафати најранливите делови од населбата.

Градоначалникот на овој ридски град, Масимилијано Конти, рече дека ситуацијата е исклучително сериозна, бидејќи дел од наклонот целосно попуштил, оставајќи бројни куќи опасно надвиснати над работ на карпата. Како што објавува Гардијан, првите знаци на поместување на земјата беа забележани во неделата, но свлечиштето набрзо се претвори во широк фронт што се протега на километри.

Постои сериозен страв дека свлечиштето би можело да го проголта историското јадро на градот. „Ова е драматично свлечиште“, рече Конти во видео обраќање објавено на социјалните мрежи, апелирајќи до граѓаните надвор од оградените зони да останат во своите домови и да не преземаат непотребни ризици.

„Не сакам никој да го сфати овој настан лесно. За среќа, никој не е повреден, но материјалната штета на куќите е голема“, рече градоначалникот.

Генералниот директор на Цивилната заштита на Сицилија, Салваторе Кочина, предупреди дека се очекува сите згради во зоната од 50 до 70 метри од пукнатината да се урнат, поради што безбедносните мерки се дополнително заострени.

Поради вонредната состојба, училиштата во Нисеми денес беа затворени, а патот што го поврзува градот со крајбрежниот град Џела беше затворен за сообраќај. Повеќето од евакуираните беа привремено сместени кај роднини и пријатели, додека неколку стотици луѓе ги поминаа последните две ноќи во локалната спортска сала.

Градот има околу 25.000 жители, а локалните власти предупредуваат дека ситуацијата ќе биде внимателно следена во наредните денови, бидејќи постои опасност од понатамошно ширење на свлечиштето.

Текстот (Видео) Огромно свлечиште во Сицилија: најмалку 1.500 жители се евакуирани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top