Белгија го повлече својот амбасадор во Јужна Кореја откако неговата сопруга нападна две продавачки во продавница во Сеул.
Белгиската амбасада соопшти дека министерот за надворешни работи Софи Вилмс одлучил дека е во најдобар интерес на билатералните односи да се заврши мандатот на амбасадорот Петер Лескуиер, кој служеше како амбасадор во Сеул во последните три години.
„Иако тој посветено и служеше на својата земја, сегашната ситуација не му дозволува да ја извршува работата непречено “, соопшти денеска амбасадата.
Белгиската влада исто така го укина дипломатскиот имунитет на сопругата на Лескуиер, со цел јужнокорејската полиција да го испита инцидентот.
Сепак, јужнокорејското Министерство за надворешни работи изјави дека имунитетот е укинат само делумно и дека сопругата сè уште има заштита од кривична постапка или казна.
Лескуиер се извини во име на неговата сопруга. Тој рече дека било каква форма на физичко насилство е неприфатлива, и покрај тоа што таа можеби имала причина да се лути за начинот на кој се однесувале во продавницата.
Видеото што се појави на социјалните мрежи покажува како неговата сопруга се судира со двајца вработени во продавница за облека откако едниот ја запрел верувајќи дека можеби ја украла јакната што ја носела.
Вработената, која сакаше да остане анонимна, за Си-Ен-Ен изјавила дека не разбира што зборува жената и дека се обидела да ја види етикетата на нејзината јакна. Ја запрела сопругата на амбасадорот надвор од продавницата и кога видела дека јакната не е украдена од продавницата, се извинила на англиски јазик и се вратила внатре.