(Видео) Папата се појави на балконот на базиликата „Свети Петар“ и кусо проговори

(Видео) Папата се појави на балконот на базиликата „Свети Петар“ и кусо проговори

пред 11 часа

Папата Франциск денеска накратко се појави на балконот на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан и упати велигденска порака и благослов „Урби ет Орби“ (До градот и светот), со која повика на мир во светот, почитување на човечкиот живот и прекин на насилството, особено врз жените и децата.

Иако не ја отслужи сам Велигденската литургија – таа беше предводена од кардиналот Анџело Комастри – папата беше пречекан со овации од илјадници верници собрани на плоштадот Свети Петар. Кратко им се обрати со: „Драги браќа и сестри, честит Велигден“, а читањето на неговата порака му го препушти на монсињор Диего Равели.

Во пораката, Папата уште еднаш го насочи вниманието кон насилството врз жените, како и кон сите форми на отфрлање на најранливите категории во општеството.

„Во Божјите очи секој живот е скапоцен – и оној на детето во утробата, и оној на болниот или постариот човек, кој во многу земји се смета за товар“, се наведува во пораката.

Франциск истакна дека секојдневно сме сведоци на желба за смрт во светот:

„Колку насилство гледаме во семејствата, врз жените и децата. Колку презир се покажува кон најслабите, маргинализираните, мигрантите. Овој ден нека биде повик за надеж и верба во другите, дури и кога се различни од нас, затоа што сите сме Божји деца“, стои во неговата порака.

Папата изрази загриженост за растечкиот антисемитизам и за состојбата во Газа:

„Моите мисли се насочени кон населението во Газа, особено кон христијанската заедница. Конфликтот предизвикува смрт, уништување и драматична хуманитарна криза“, наведува понатаму.

Тој повторно повика на итно разоружување и прекин на вооружените конфликти во светот:

„Не е можен мир без вистинско разоружување! Потребата за сопствена одбрана не смее да се претвори во трка во вооружување.“

На крајот, Папата се помоли за мир во Украина, повикувајќи ги сите страни да продолжат со напори за праведно и трајно решение.

Текстот (Видео) Папата се појави на балконот на базиликата „Свети Петар“ и кусо проговори е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top