(Видео) Пентагон ги запре испораките на оружје за Украина, Трамп не знаеше: „Беше затекнат“

(Видео) Пентагон ги запре испораките на оружје за Украина, Трамп не знаеше: „Беше затекнат“

пред 9 часа

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатата недела не ја известил Белата куќа дека планира да ги запре испораките на оружје во Украина, предизвикувајќи хаос во администрацијата. Пет извори запознаени со ситуацијата за Си-ен-ен изјавија дека официјалните лица се обидуваат да откријат зошто и како да им го објаснат тоа на Конгресот и на украинската влада.

Претседателот Доналд Трамп вчера посочи дека тој не ја донел одлуката. На прашањето за време на состанокот на кабинетот дали го поддржува запирањето, тој само рече дека САД ќе продолжат да испраќаат одбранбено оружје во Украина. Кога повторно го прашаа кој го наредил запирањето, Трамп одговори: „Не знам, зошто вие мене не ми кажете?“

Случајот покажува колку понекогаш може да биде неорганизирано донесувањето одлуки во администрацијата на Трамп, особено во Министерството за одбрана, кое го води Хегсет. Тоа беше второ такво суспендирање на испораките на оружје за Украина оваа година, и обете ги изненадија високите безбедносни функционери.

Првото се случи во февруари, но брзо беше поништено, велат три извори. Сличен инцидент се случи оваа недела, при што Трамп објави во понеделник вечерта дека испораките продолжуваат, иако Хегсет претходно го потпиша суспендирањето.

Специјалниот претставник на САД за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, и државниот секретар Марко Рубио, кој е и советник за национална безбедност на Трамп, исто така не беа информирани за суспендирањето – тие дознаа за тоа од медиумите, велат изворите. Портпаролот на Пентагон, Кингсли Вилсон, изјави за Си-ен-ен дека Хегсет му дал на претседателот рамка за проценка на испораките и залихите на воена помош, во координација со други делови од владата.

На прашањето дали Хегсет ја известил Белата куќа однапред за суспензијата, портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, рече дека Пентагон спроведе преглед за да се осигури дека странската помош е во согласност со интересите на САД. Таа додаде дека претседателот Трамп одлучил да продолжи да испраќа одбранбено оружје во Украина за да „ги запре убиствата во оваа брутална војна“ и нагласи дека претседателот „продолжува да има целосна доверба во секретарот за одбрана“.

Два извори за Си-ен-ен изјавија дека Хегсет не ја информирал Белата куќа бидејќи нема началници на кабинетот или блиски советници околу себе кои би го охрабриле подобро да ги координира таквите важни одлуки со другите институции.

Кога минатата недела дозна за прекинот, Трамп му рече на Хегсет веднаш да продолжи барем со дел од испораките – поточно, ракетите „Патриот“ кои се клучни за одбрана на украинските градови од руски напади со беспилотни летала и ракети.

Според високиот функционер, голем дел од оружјето е веќе во Полска и може брзо да се префрли во Украина. Пакетот претходно бил одобрен од претходната администрација и веќе бил на пат кога испораката била запрена. Во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот, Трамп ја намали својата улога во одлуката, објави Си-Ен-Ен.

Пентагон дури доцна во понеделник објави дека испораките ќе продолжат по наредба на претседателот – откако Трамп јавно изјави претходно во текот на денот дека на Украина ѝ е потребно одбранбено оружје.

Трамп ја повтори таа порака во Белата куќа во вторник: „Ќе ви кажам што – Украинците, без разлика дали мислите дека им дадовме премногу пари или не, покажаа храброст, бидејќи некој мораше да го употреби тоа оружје“, рече тој. „Многу луѓе што ги познавам не можеа да го сторат тоа. Тие немаа храброст.“

Според два извори, Трамп во моментов не е подготвен да „ѝ даде победа на Русија“ со тоа што ќе ја одложи воената помош за Украина. Тој станува сè пофрустриран од рускиот претседател Владимир Путин, кој не покажа подготвеност за преговори, велат изворите. „Путин постојано нè потценува“, рече Трамп во вторникот. „На прв поглед сè изгледа многу убаво, но на крајот не функционира“.

Европски функционер изјави за Си-ен-ен дека незадоволството на Трамп од Путин било јасно видливо на самитот на НАТО во Холандија минатиот месец. Тој додаде дека, според нивните сознанија, прекинот на испораките „навистина не дошол од Трамп“.

Одлуката на Пентагон да ја запре испораката, која вклучуваше ракети „Патриот“ и артилериска муниција, дојде откако Трамп побара од Хегсет преглед на американските воени залихи на самитот на НАТО минатиот месец, рече еден извор. Во тоа време, Иран и Израел разменуваа удари, а Трамп сакаше да се осигура дека американските трупи во регионот имаат доволно муниција за да се одбранат.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, минатата недела потврди дека одделот спроведува „преглед на капацитетите за да се осигури дека американската воена помош е усогласена со нашите одбранбени приоритети“.

Но, Трамп не побарал конкретно помошта за Украина да биде запрена, според три извори. Таа препорака дојде од Елбриџ Колби, заменик-помошник-министер за одбрана за политика, рекоа сите пет извори. Колби долго време се спротивставува на големите испораки на американско оружје во Украина.

„Политиката ‘Европа на прво место’ не е она што ѝ е потребно на Америка во моментов. Треба да се фокусираме на Кина и Азија“, напиша тој на Икс минатата година.

Откако Белата куќа дозна за суспензијата, претставници на Белата куќа им кажаа на Хегсет и на Пентагон дека засега ќе „се покриваат“, според два извори. Но, тие нагласија дека Пентагон мора да ја објасни одлуката на Конгресот – за која исто така не беше однапред известен.

Во последните денови, претставници на Пентагон му кажаа на Конгресот дека суспензијата е неопходна поради недостиг на американски залихи, велат изворите. Но, Конгресот не добил никакви официјални информации од Пентагон што потврдуваат дека има критичен или итен недостиг на оружје.

Текстот (Видео) Пентагон ги запре испораките на оружје за Украина, Трамп не знаеше: „Беше затекнат“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top