Утрово пожарникарите продолжија да ги гаснат пожарите на грчкиот остров Евија, со цел да спречат насилниот оган да стигне до градот во кој живеат илјадници жители.
Пожарот избувна на овој остров, 200 километри источно од Атина и веќе осум дена е активен и пустоши.
Пожарникарите цела ноќ се бореа на повеќе фронта за да го локализираат пожарот.
Локалните власти рекоа дека се очекуваат хеликоптери и авиони да бидат вклучени во гаснењето на пожарот и денеска, доколку воопшто е можно летање поради чадот. На островот има околу 650 пожарникари, од кои 250 пристигнале од Украина, Србија и Романија.
Петнаесет хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот, меѓу кои два од Швајцарија и два од Египет, како и осум авиони, меѓу кои и три француски канадери.
Грција се соочува со природна катастрофа од невидени размери, со 586 пожари што горат во сите делови на земјата, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вчерашното телевизиско обраќање.
Оваа држава е под влијание на еден од најлошите топлотни бранови во последните децении, а пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарите што горат низ целата земја. Во последните неколку дена беа извршени 63 организирани евакуации, рече Мицотакис.
Премиерот се извини за сите владини слабости во гаснењето на пожарите што уништија стотици домови и ги натера луѓето да се евакуираат од десетици села.