(Видео) Полицијата објави снимка од сетот на кој Болдвин ја застрела снимателката

пред 3 години

Полицијата објави снимка од сетот на филмот Rust пред и откако беше застрелана Халина Хачинс. Шерифот од Санта Фе, Адан Мендоза, исто така објави фотографии од местото на злосторството и интервјуа со сведоци, меѓу кои и Болдвин. Но, полицијата вели дека одлуката дали да се поднесе кривична пријава ќе зависи од исходот од идната форензичка анализа.

Болдвин ја застрела камерманката Халина Хачинс (42) додека, како што рекол, вежбал со пиштол за кој верувал дека е безбеден. Актерот, кој бил и продуцент на филмот, претходно изјави дека не го повлекол чкрапалото и дека нема поим како вистински куршум завршил на сетот.

На објавената снимка се гледа како полицијата и брзата помош брзаат на местото на настанот. Во други клипови, Болдвин е прикажан облечен како каубој кој вежба со пиштол.

Шерифот Мендоза во изјавата рече дека истрагата за пукањето останува отворена и во тек. Тој посочи дека неколку компоненти на истрагата остануваат нерешени, вклучувајќи ја и форензиката за огненото оружје, анализата на отпечатоци од прсти, експертски извештај и анализата на телефонските податоци на Болдвин.

„Откако овие истражни компоненти ќе бидат доставени до канцеларијата на шерифот, ќе можеме да ја завршиме истрагата за да ја пренесеме на окружниот обвинител во Санта Фе“, рече шерифот Мендоза. Според Њујорк Тајмс, портпаролот на канцеларијата на шерифот Санте Фе изјавил дека властите одлучиле да ја објават снимката по неколку барања на медиумите и затоа што сакале да покажат кои информации останале нерешени пред случајот да биде проследен до обвинителството.

Објавата доаѓа една недела откако властите ги осудија продуцентите за кршење на безбедносните протоколи и ги казнија со 136.793 долари.

Share
Scroll to Top