(Видео) Силно торнадо го погоди Кентаки, властите информираат за над 50 починати

пред 3 години

Најмалку 50 луѓе загинаа откако разорно торнадо ја погоди американската сојузна држава Кентаки, изјави гувернерот, Енди Бешер.

„Веројатно ќе имаме повеќе од 50 мртви“, изјави Бешер за локалниот медиум WLKY.

Најголeм пустош е забележан во округот Грејвс, каде што се наоѓа градот Мејфилд, рече гувернерот.

„Ударот на Мејфилд е споредлив со најсилниот удар од торнадо во било кој град досега“, додаде тој.

Бешер рече дека две цистерни биле испратени кон Мејфилд за да се осигура дека жителите имаат питка вода. Прогласена е вонредна состојба, а Националната гарда е ангажирана да помогне во санирањето на последиците од торнадото.

„Во една фабрика во Мејфилд, покривот се урна, стравуваме дека таму може да има многу жртви“, рече Бешер. Според WLKY, торнадото го погодило и судот во округот Грејвс и затворот недалеку од судската зграда.

Торнадото што го погоди округот Грејвс е само едно од торнадата што во петокот вечерта го погодија централниот дел на САД.

Најмалку 24 торнада се пријавени во пет држави (Арканзас, Кентаки, Мисури и Тенеси). Официјални лица од Арканзас потврдија дека загинале најмалку две лица.

Share
Scroll to Top