Делумно скриени од долгите трски, мноштво тела прекриени со крпи тивко плутаат по светата река Ганг, како потсетник за тоа како жестокиот бран на коронавирусот ги преплави индиските болници и крематориумите.
Илјадници семејства во северна и источна Индија ги предаваа телата на нивните блиски на реката или ги закопуваа во плитки гробници на брегот од реката, бидејќи немаа со што да ги платат погребните кремирања во екот на чумата во април и мај.
Меѓутоа, почетокот на сезоната на монсунски дождови предизвика силни струи долж пловниот пат долг 2.500 километри, што исфрлија некои од телата што беа закопани на брегот.
Официјални лица во Алахабад, еден од најсветите хиндуистички градови, каде милиони лица присуствуваат на погребните обреди, соопштија дека во текот на изминатите три недели кремирале речиси 150 тела што плутале. Купишта дрва за погребни кремирања се наредени крај насипите, во очекување нови лешеви да се појават.
Кога новинарите од „АФП“ ги посетија околните области, десетици делумно потопени трупови биле видени во реката. Официјални лица проценуваат дека околу 600 тела биле закопани крај Ганг за време на наездата на заразата. Но, мештаните веруваат дека ова е само мал дел од реалната бројка и стравуваат дека во следните недели, брзите води може да исфрлат повеќе тела од плитките гробови на песочните брегови. Слични проблеми имаат и другите поголеми верски центри во северна Индија, како што е верскиот центар Варанаси.
Локалните жители стравуваат дека труповите, доколку не бидат отстранети, ќе бидат опасни за натамошно загадување на еден од најзагадените водни патишта во светот.
„Ова може да предизвика опасни болести“, изјави Дипин Кумар, кој живее во близина на Ганг во Алахабад. Полицијата патролира со два чамци по реката и трага по телата, понекогаш со помош на локални рибари, иако тие немаат многу успех во последните денови.
„Протокот е многу брз и тешко е да се извлечат телата“, изјави полициски службеник за АФП.