Британскиот премиер, Борис Џонсон, преку видео им се обрати на граѓаните на Русија. Видеото е објавено на социјалните мрежи и има руски превод.
На почетокот на обраќањето Џонсон на руски кажа: „Рускиот народ ја заслужува вистината, заслужува да ги знае фактите“.
Во видеопораката која содржи снимки од убиени цивили во Украина, британскиот премиер опишува како масакрите извршени од руската армија за време на инвазијата на Украина го потресле светот.
To the Russian people, look at what is being done in your name.
You deserve the truth. You deserve the facts. pic.twitter.com/sqDxvGnTnp
— Boris Johnson (@BorisJohnson) April 5, 2022
„Цивили биле масакрирани, убивани додека нивните раце биле врзани. Жените силувани пред очите на нивните мали деца“, рече Џонсон.
„Изгорени тела биле фрлани во масовни гробници или едноставно оставени да лежат на улица“, вели британскиот премиер во видеото.
Џонсон посочи дека злосторствата извршени од режимот на Кремљ ја изневериле довербата на секоја руска мајка која го испратила својот син во војска и дека се, како што рече, дамка на руската чест.
Во своето обраќање Џонсон ги повика Русите да се поврзат на интернет преку VPN конекција за да можат да пристапат до информации од целиот свет, додавајќи: „Штом ќе ја пронајдете вистината, споделете ја“.