Во Индија пронајден украдениот часовник на Марадона

пред 3 години

Полицијата во североисточната индиска сојузна држава Асам денеска соопшти дека пронашла украден часовник кој некогаш му припаѓал на легендата на аргентинскиот фудбал, Диего Марадона.

Шефот на државната полиција Баскар Џоти Маханта изјави дека луксузниот часовник марка „хaблот“ со името на Марадона бил пронајден кај маж кој бил уапсен во неговата куќа во областа Сивасагар, 350 километри источно од Гаухати, главниот град на државата, пренесува АП.

Полицијата соопшти дека уапсениот работел како обезбедување во компанија во Дубаи која чува предмети од легендарниот аргентински спортист.

Тој го украл часовникот минатата недела, а пред неколку дена се вратил во Индија.

Највисокиот функционер на државата Асам, Химанта Бисва Шарма, рече дека властите ќе поведат правна постапка против човекот.

Марадона (60) почина минатата година од срцев удар по операција на мозокот.

Тој ја предводеше Аргентина до победа на Светското првенство во 1986 година и се смета за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Share
Scroll to Top