Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека девет болничари се убиени, а седум други се ранети во пет одделни напади врз здравствени служби во јужен Либан.
Во изјавата на шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, не се прецизира сторителот. Тедрос рече дека во денешните напади биле погодени екипи на болничари кои работеле во пет либански села додека биле на должност на терен.
– Во Зоутар ал-Шаркија, пет здравствени работници загинаа во напад, а двајца беа повредени, од кои еден критично. Уште двајца здравствени работници загинаа, а тројца беа ранети во Кфар Тибнит; еден болничар загина во напад на здравствен објект во Гандурије, додека друг беше убиен во напад во Џезин. Двајца беа ранети во напад на Кфар Даџал – додаде тој.
Тедрос истакна дека нападите сериозно ги нарушиле здравствените услуги во јужниот дел на Либан, при што четири болници и 51 центар за примарна здравствена заштита сега се затворени, а неколку други објекти работат со намален капацитет.
Текстот Во пет напади во јужен Либан загинаа девет болничари е превземен од МАКФАКС.






