Научник од Хонгконг разви технологија за скенирање на мрежницата кај деца (најмлади се шестгодишни) што може да овозможи рано откривање на аутизам или ризик од развој на болеста и се надева дека ќе развие комерцијален уред до крајот на годината.
„ Скенирањето на мрежницата може да даде значителен придонес во раното откривање на аутизмот и резултатот од третманот на децата“, рече Бени Зи, професор на Кинескиот универзитет во Хонгконг.
„ Важно е да се започне со интервенцијата рано, бидејќи децата сè уште растат и се развиваат, што значи дека шансите за успех се поголеми“, рече Зи.
Неговиот метод користи камера со висока резолуција со нова компјутерска програма која анализира комбинација на фактори, вклучувајќи слоеви на влакна, како и крвни садови во окото.
„ Технологијата може да се искористи за откривање и идентификување на деца кои се подложни на развој на аутизам со цел да ги вклучат во програмите за лекување што е можно побрзо“, објасни Зи.
Како дел од употребата на новата технологија, биле тестирани седумдесет деца, од кои 46 веќе биле дијагностицирани со аутизам, а во контролната група имало 24 деца.
Технологијата на Зи успеа да открие деца со аутизам во дури 95,7 проценти од случаите. Просечната возраст на тестираните деца била 13 години, а најмладиот учесник во студијата имал шест години.