Водоинсталатер на возраст од 43 години е осомничен за серија злосторства во Полска. Засега официјално се зборува за шест убиени жени, меѓу кои и две сестри, но обвинителите од Централното обвинителство во Варшава проверуваат и други смртни случаи кои досега биле припишувани на природни причини. Истражителите не ја исклучуваат можноста бројот на неговите жртви да биде многу поголем.
Според полските медиуми, 43-годишниот маж работел како водоинсталатер и ја користел довербата на своите жртви. Жените го повикувале во своите домови поради различни поправки, а тој потоа ги напаѓал.
Главно целел постари жени кои живееле сами. Откако ќе останел со нив зад затворена врата, станувал агресивен и барал пари и вредни предмети, принудувајќи ги да му кажат каде ги чуваат.
Според полската полиција, мотивот бил поврзан со неговата зависност од коцкање и дрога.
Мажот бил уапсен на 23 февруари 2025 година.
Жената во чиј дом тогаш се наоѓал успеала да се јави во банка за да го смени ПИН-кодот на својата картичка. Тој ѝ пришол одзади и ја задавил. Придушените крици ги слушнал банкарски службеник, кој ја известил полицијата.
Полицајците пристигнале и го фатиле осомничениот пред да успее да побегне. Во моментот на апсењето бил под дејство на дрога.
Оттогаш се наоѓа во притвор, а истрагата во меѓувреме била значително проширена. Во февруари 2026 година бил обвинет за убиство на шест жени и за грабеж на седма жена, која за време на разбојништвото починала од срцев удар.
Случајот сè уште не е испратен на суд, бидејќи обвинителите проверуваат поголем број смртни случаи на постари жени.
Полицијата во неговиот телефон пронашла околу 75.000 фотографии. На дел од нив имало предмети што им припаѓале на жртвите, додека други фотографии биле направени на локации кои сè уште не се идентификувани. Тоа ја отвора можноста осомничениот да дејствувал и на други места.
Според истрагата, луѓето меѓусебно си го препорачувале како мајстор. Тој најпрво ја стекнувал довербата на постарите лица кај кои одел, а потоа наоѓал причина повторно да се врати, откако претходно ќе имал можност добро да го разгледа домот.
При повторното доаѓање, според истражителите, со себе носел ракавици, леплива лента и пластични врвки кои ги користел како лисици. Ги врзувал жртвите и им се заканувал со смрт доколку не му кажат каде ги чуваат парите и вредните предмети.
Според полските медиуми, дури и кога жените му ги предавале вредните предмети, тој сепак ги убивал.
Потоа наводно се обидувал смртта да изгледа како да настапила од природни причини и ги заклучувал вратите пред да си замине.
Со текот на времето, сепак, станувал сè поневнимателен. Доказите што ги оставал зад себе им помогнале на истражителите да го поврзат со повеќе сомнителни смртни случаи.
Со проширувањето на истрагата бил откриен и случајот со две сестри близначки убиени во декември 2024 година, како и убиството на уште една постара жена во јануари 2025 година.
Во рамките на истата истрага бил уапсен и неговиот 33-годишен цимер, украински државјанин.
Уште еден Украинец наводно му бил соучесник, но пред истражителите тврдел дека не сакал никого да убие, туку само да учествува во грабежите. Во случајот е вмешан и еден Полјак, за кого се сомнева дека ги огласувал за продажба украдените предмети.
Според извори блиски до истрагата, цитирани од полскиот весник „Wiadomosci“, осомничениот не соработува со истражителите. Изворите го опишуваат како човек без видливи чувства или емоции.
Текстот Водоинсталатер осомничен за серија убиства на постари жени во Полска – ја стекнувал нивната доверба, па се враќал назад е превземен од МАКФАКС.




