Неодамнешна студија на Европската мрежа за дејствување против пестициди (PAN) откри високи концентрации на токсични „трајни хемикалии“ во секојдневните житни производи низ цела Европа – вклучувајќи леб, тестенини и житарки.
Според Гардијан, просечните количини на трифлуорооцетна киселина (TFA) во храната биле до 100 пати повисоки отколку во водата од чешма.
„Трајните хемикалии“, т.е. супстанциите PFAS, се користат од 1950-тите и се речиси неразградливи, поради што можат да опстојуваат во животната средина стотици години. TFA се произведува со разградување на пестициди што содржат PFAS и е класифициран како репротоксичен – може да ја загрози плодноста, развојот на фетусот и негативно да влијае на тироидната жлезда, црниот дроб и имунитетот. Сепак, властите не ги следат систематски неговите нивоа во прехранбените производи, според медиумот.
Во првата таква студија на ЕУ, како што е наведено во написите, беа анализирани 65 производи купени во 16 европски земји, а TFA беше пронајден во 81,5% од примероците, често во високи концентрации. Житните снегулки од Ирска беа најконтаминирани, по што следуваше интегралниот леб од Белгија и Германија, како и францускиот багет. Пченицата покажа значително повисоко ниво на контаминација од другите житарки.
Хемикалиите се откриени во широк спектар на производи, од шпагети и кроасани до меденки. Активистите предупредуваат дека сите потрошувачи, вклучително и децата, се изложени на TFA преку храната и водата и бараат итна забрана за PFAS пестициди и построги безбедносни стандарди.
Иако Обединетото Кралство не беше дел од истражувањето, експертите велат дека наодите се значајни и за таа земја, каде што 27 PFAS активни состојки се користат во пестициди, меѓу кои неколку се означени како многу опасни.
Фото:ЕПА
Текстот „Гардијан“: Отровни хемикалии пронајдени во житарици и леб низ цела Европа е превземен од МАКФАКС.






