Германскиот вицеканцелар Олаф Шолц ги повика граѓаните да се вакцинираат и рече дека досега се вакцинирани 52 милиони луѓе и ниту еден од нив не станал вонземјанин.
За „Ное Оснабрикер Цајтунг“, Шолц изрази надеж дека многумина кои до неодамна беа скептични, сега ќе бидат вакцинирани.
Со вакцинација, додава тој, тие повеќе нема да мора да се тестираат.
Министерот за финансии, исто така, се залага и за воведување на плаќање на тестовите за коронавирус.
„ Тестирањето во догледна иднина повеќе не треба да се плаќа од даночни фондови“, нагласи Шолц.
Тој посочи дека има доволно вакцини за секој возрасен да се вакцинира и дека од есен граѓаните кои не се вакцинирани ќе треба да платат за тестирање. Патем, нацрт-регулативата што треба да ја донесе германската влада предвидува укинување на бесплатните брзи тестови во октомври. Сите невакцинирани мора да имаат негативен тест доколку сакаат да посетат ресторани, кафулиња, базени …