Поради омикрон, Нов Зеланд ги одложува плановите за отворање на границите

пред 2 години

Нов Зеланд објави дека го одложува планираното постепено отворање на границите до крајот на февруари, откако се појави многу заразниот сој на коронавирусот омикрон.

Островската држава во јужниот дел на Пацификот штотуку почна да ги намалува епидемиските мерки. Забраните за меѓународни патувања требаше постепено да се укинуваат од почетокот на јануари, за до април целосно да се отворат границите.

Сепак, според новите упатства, наместо на 16 февруари, патувањето во Австралија без карантин ќе биде дозволено само на крајот на февруари, изјави министерот задолжен за Ковид, Крис Хипкинс.

„Сите податоци што ги имаме досега покажуваат дека омикрон е најзаразниот сој на коронавирусот досега“, рече тој.

„Нема сомнеж дека оваа одлука е разочарувачка, и дека ќе уништи многу планови за патување, но затоа е важно овие мерки да ги претставиме навреме за да има доволно време за промена на плановите“, рече Хипкинс.

Новите правила се прифатени како мерка на претпазливост, бидејќи сè уште не се знае колку е тешка болеста предизвикана од омикрон и колку тој ќе влијае на здравствениот систем на Нов Зеланд, рече Хипкинс.

Share
Scroll to Top