Најмалку четири куќи изгореа во пожарите што ги зафатија неколку градови во австралиската држава Западна Австралија, а шефот на пожарникарите тоа го припишува на климатските промени.
Министерот за вонредни служби на Западна Австралија, Стивен Досон, потврди дека куќите се уништени, но дека обемот на штетата нема да се знае додека не се направи официјална проценка. Тој рече дека е постигнат значителен напредок во сузбивањето на пожарите на југот на државата, но опасноста останува.
„Сè уште имаме активни пожари, затоа бараме трпение од луѓето. Ова е многу тешко време за сите погодени од пожарите“, рече тој. Пожарите се уште се надвор од контрола и зафаќаат површина од повеќе од 5.000 хектари. Досон рече дека 210 пожарникари се борат со пожарот.
Еден жител бил пренесен во болница откако изгаснал пожар на неговиот имот. Комесарот за противпожарни служби и служби за итни случаи во Западна Австралија, Дарен Клем, изјави дека пожарите се исклучително предизвикувачки, но и дека нивниот интензитет е резултат на климатските промени.
Премиерот на Западна Австралија Марк Мекгован им се заблагодари на пожарникарите за нивните напори во текот на неделата и ја повика јавноста да ги следи советите на службениците за итни случаи.