Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека двајца грчки државјаи се убиени, а уште двајца се тешко повредени во инцидент во кој учествувале украински војници на истокот на земјата, во близина на линијата на фронтот на конфликтот со проруските сепаратистички сили, пренесува „Ројтерс“.
Претходно, Грција издаде апел со кој ги повика своите државјани да избегнуваат патувања во Украина и ги повика сите Грци од таму да заминат веднаш соочени со стравувањата дека Русија, која има масовни сили во близина на границите на Украина, наскоро би можела да изврши инвазија.
Грчкото Министерство за надворешни работи во соопштение дополни дека тројца украински војници се одговорни за смртта и повредите на четворицата Грци во селото Хранитни, блиску до линијата на контакт со проруските сепаратистички сили, кои зазедоа дел од источна Украина во 2014 година.
Се наведува дека насилството избувнало откако Грците и украинските војници се скарале од незначајна причина.
Не беше наведено што правеле Грците во областа, но претставник на грчкото Министерство за надворешни работи рекол дека инцидентот нема никаква врска со тековниот конфликт во регионот.
Во соопштението на министерството се наведува дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, се обидел да разговара со својот украински колега за инцидентот и да нагласи дека грчката заедница во Украина треба да биде заштитена. Неколку илјади Грци живеат во поранешната советска република.