Три деца паднале низ стаклениот покрив на основното училиште „Де Зибом“ во белгиската општина Де Хан. Едно дете е тешко повредено, а две полесно, соопшти локалната полиција.
Несреќата се случила кога децата, на возраст од 12 и 13 години, се искачиле на рамниот покрив на училиштето и пропаднале околу пет метри низ светларникот, директно во подот на училишната кујна, пренесе ВРТ.
Најтешко повреденото дете било пренесено во болница во критична состојба, но неговата состојба е стабилизирана. Другите две деца имаат полесни повреди.
Полицијата наведува дека децата си играле на покривот, но причините поради кои се нашле таму сè уште не се познати. Ниедно од нив не го посетува ова училиште, а живеат во околината.
Директорот на училиштето, Том Дермо, изјави дека веројатно децата влегле во дворот преку спортската сала. Посочи дека не е првпат млади луѓе да се качуваат на покривот за дружење или сончање, но не е јасно што правеле овој пат. Можно е, рече тој, да не ја забележале куполата на покривот поради мракот.
Училиштето ќе ги информира учениците за инцидентот како превентивна мерка. Полицијата ја продолжува истрагата.
Текстот Деца пропаднаа низ стаклен покрив на училиште во Белгија е превземен од МАКФАКС.






