Европскиот суд за човекови права денес пресуди дека задолжителната вакцинација е легална и може да биде неопходна во демократските општества.
Пресудата следуваше по заклучокот на жалбата што некои чешки семејства ја поднесоа пред судот поради задолжителна вакцинација на деца.
„Мерките може да се сметаат неопходни во едно демократско општество“, рече судот.
Иако пресудата не се однесуваше директно на вакцините против Ковид-19, експертите сметаат дека ова може да има импликации врз кампањата за вакцинација против коронавирус, особено кај оние кои досега одбиваа да примат вакцина.
„Оваа пресуда ја зајакнува можноста за задолжителна вакцинација во сегашната пандемија“, рече Никола Хервиу, правен експерт специјализиран за Европскиот суд за човекови права.
Одлуката вели дека задолжителните вакцини пропишани од чешките здравствени власти се во согласност со „најдобриот интерес“ на децата, пренесува „Дојче веле“.
„Целта мора да биде да се заштити секое дете од сериозни болести со вакцинација или имунитет на стадото“, се додава.
Судот пресуди дека чешката здравствена политика не го прекршила членот 8 за правото на почитување на приватноста во согласност со Европската конвенција за човекови права.
Според чешкиот закон, децата мора да бидат вакцинирани против девет болести, вклучувајќи дифтерија, тетанус, голема кашлица, хепатит Б и сипаници.
Случајот беше изнесен на суд од семејства кои беа казнети со парична казна или на чии деца им беше забранет пристап во градинка затоа што не ги вакцинирале.
Политиката за вакцинација ги следи легитимните цели на здравствена заштита, како и правата на другите, бидејќи ги штити и оние кои примаат вакцини и оние кои не можат да се вакцинираат од медицински причини, истакнува судот, додавајќи дека оние кои не можат да се вакцинираат зависат од колективниот имунитет за да се заштитат од тешки заразни болести.
Чешка затоа има голема слобода на процена во тој контекст, наведува судот чии одлуки не можат да се обжалат и посочува дека интересите на децата мора да имаат предност пред сите одлуки што се однесуваат на нив.