Ердоган ја претстави турската „Челична купола“

Ердоган ја претстави турската „Челична купола“

пред 2 часа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера официјално го отвори интегрираниот систем за воздушна одбрана на Турција, познат како „Челична купола“, кој го опиша како пресвртница за земјата и нејзината одбранбена индустрија.

„Ова е знак на сила за Турција. Воведуваме нова ера за нашата сакана Турција во воздушната одбрана“, рече Ердоган на настан во објектите на одбранбената компанија Аселсан во Анкара. Владата на Ердоган го објави почетокот на развојот на Челичната купола, кој интегрира платформи за воздушна одбрана и сензори од морето и копното во мрежа за заштита на турското небо, во август минатата година.

Ердоган истакна дека најновата фаза од проектот се состои од 47 возила во вредност од речиси 400 милиони евра кои ќе „влеат доверба кај пријателите и страв кај непријателите“. Турската влада не прецизираше кога системот ќе биде целосно оперативен.

„Ниту една земја која нема способност да развива сопствени радарски и воздушни одбранбени системи не може да гледа кон иднината со доверба во однос на актуелните безбедносни предизвици, особено во нашиот регион“, рече Ердоган.

Турција претходно се обидуваше да ја зајакне својата воздушна одбрана со купување на ракетниот систем С-400 од Русија во 2019 година. Сепак, овој потег доведе до тоа Американците да ја суспендираат продажбата на невидливи авиони Ф-35 на Турција, поткопувајќи ги одбранбените цели на Анкара, пишуваат медиумите.

Конфликтите во Сирија и Украина, како и неодамнешните израелски напади врз Иран, ја интензивираа потребата на Турција да развива подобра воздушна одбрана.

Ердоган, исто така, ги претстави новите производствени капацитети на Аселсан, кои треба да се отворат во 2026 година. „Во следните 50 години, Турција ќе биде земја која не само што ги задоволува сопствените потреби, туку и ќе биде лидер во светот во својата технологија“, рече тој.

Фото: принтскрин

Текстот Ердоган ја претстави турската „Челична купола“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top