ЕУ без договор за буџетот, помошта за Украина дополнително ги продлабочи поделбите

ЕУ без договор за буџетот, помошта за Украина дополнително ги продлабочи поделбите

пред 29 минути

Лидерите на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за повеќегодишниот буџет за периодот од 2028 до 2034 година, и покрај интензивните преговори на самитот кои траеја повеќе од 12 часа, пренесува „Еуроњуз“.

Во фокусот на разговорите беа предлог-буџетот вреден речиси 1.760 милијарди евра и прашањето за финансиската помош за Украина, додека претставниците на земјите членки се обидуваа да ги надминат меѓусебните несогласувања и да овозможат постигнување договор до декември.

Атмосферата на преговорите можеби најдобро ја опиша италијанската премиерка Џорџа Мелони, која оцени дека страните сè уште се многу далеку од решение, порачувајќи дека се „светлосни години“ оддалечени од постигнување договор. Сепак, таа истакна дека меѓу земјите членки постои заедничка намера до крајот на декември да се најде компромис, но дека временските рокови не смеат да го диктираат конечниот исход од преговорите.

Според информациите од разговорите, Мелони се противи на предложените буџетски услови во целина, а не конкретно на издвојувањето средства за Украина.

Прашањето за роковите е поврзано и со мандатот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој истекува во мај 2027 година. Макрон, како што се наведува, порача дека по следната година повеќе нема да се занимава со прашањето за буџетот на ЕУ.

Една од спорните теми беше и можното намалување на средствата наменети за земјоделството. Посочувајќи на промените на глобалниот пазар, Макрон предупреди дека одредени пазари на кои европските производители претходно ги пласирале своите производи во меѓувреме станале конкуренција на Европската Унија.

Како пример ја наведе Русија, која претходно била купувач на европски земјоделски производи, но благодарение на климатските промени ги зголемила сопствените производствени капацитети, вклучително и можноста за две жетви годишно. Тој ја спомена и Северна Африка како регион чија конкурентност на земјоделскиот пазар се зголемува.

Германија, од друга страна, укажа на ограничувањата за натамошно зголемување на буџетот и на потребата финансискиот товар порамномерно да се распредели меѓу земјите членки.

Во обраќањето на германскиот претставник беше нагласено дека буџетските издвојувања не можат неограничено да растат и дека е неопходно да се најде одржлив модел на финансирање.

Беше истакнато и дека Германија обезбедува приближно една четвртина од вкупниот буџет на ЕУ, додека директно ѝ се враќаат околу осум проценти од средствата.

Прашањето за финансиската помош за Украина дополнително ги продлабочи разликите меѓу земјите членки. Словачка, Унгарија и Чешка се противат на учеството во финансирањето на Украина, додека холандскиот премиер Роб Јетен повика на солидарност, истакнувајќи дека Украинците се борат за европските вредности и дека сите членки треба да покажат поддршка, како што тоа го прави Холандија.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш ги доведе во прашање обемот и долгорочната одржливост на финансиската помош за Киев. Тој се осврна на досегашните издвојувања и новите барања на Украина, поставувајќи го прашањето колку долго Европската Унија може да продолжи со таквото финансирање.

„Зеленски доби 90 милијарди евра, сега му се потребни уште 70 милијарди евра. Затоа сакам да прашам: која е целта и дали секоја година ќе ѝ даваме на Украина по 135 милијарди евра? Колку долго, 10, 20 или 30 години?“, праша Бабиш.

Песимистичка оценка за исходот од самитот даде и претставникот на Летонија, Андрис Кулбергс, кој изрази сомневање дека лидерите ќе успеат да постигнат договор за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ.

Според него, разликите во ставовите и спротивставените политички позиции на земјите членки претставуваат сериозна пречка за изнаоѓање заедничко решение.

Текстот ЕУ без договор за буџетот, помошта за Украина дополнително ги продлабочи поделбите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top