Европска Унија ги отфрли повиците на британската влада да достави вакцини против Ковид-19 на „Астразенека“ произведени во фабрика во Холандија, изјави претставник на ЕУ.
„Британците инсистираат на тоа дека фабриката Халик во Холандија мора да им ја достави лековитата супстанција произведена таму. Тоа не функционира“, изјави официјален претставник за „Ројтерс“.
Фабриката Халик од Лајден е наведена како снабдувач на вакцини и во двата договори што „Астразенека“ ги потпиша со Велика Британија и Европската Унија.
Поранешната членка на ЕУ, Велика Британија, досега вакцинираше многу повеќе луѓе отколку земјите на ЕУ, пропорционално на населението.
„Она што се произведува во Халик мора да оди во ЕУ“, додаде официјалното лице.
Британија инсистираше на тоа дека договорите мора да се почитуваат.
„Европската комисија ќе знае дека остатокот од светот гледа како се однесува по ова прашање и ако се прекршат договорите и обврските, тоа е многу штетна работа за трговскиот блок кој е горд на своите закони“, рече британскиот министер за одбрана Бен Валас претходно за „Скај њуз“, одговарајќи на прашање во врска со заканата на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен да го блокира извозот во Велика Британија.
Официјален претставник на ЕУ рече дека ЕУ не крши ниту еден договор.
Европската Унија во средата се закани дека ќе го блокира извозот на вакцини против Ковид-19 во Велика Британија со цел да се заштитат оскудните дози за нејзините граѓани, а Фон дер Лајан рече дека епидемиолошката состојба се влошува.
„Астразенека“ им соопшти на официјалните претставници на ЕУ дека Велика Британија користи клаузула во договорот за снабдување што спречува извоз на вакцините се додека британскиот пазар не биде целосно покриен, соопштија претставници на ЕУ.