ЕУ ги укинува санкциите за Косово и ја отклучува финансиската помош

ЕУ ги укинува санкциите за Косово и ја отклучува финансиската помош

пред 11 часа

Европската Унија е подготвена да ги укине санкциите што ги воведе против Косово во 2023 година поради тензиите на северот на земјата и ќе ја отклучи финансиската помош, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Земјите од ЕУ воведоа казнени мерки против Косово, откако владата на премиерот Албин Курти не одговори на повиците на ЕУ и САД за смирување на немирите на северот со мнозинско српско население по најлошото насилство за повеќе од една деценија.

Мерките вклучуваа суспендирање на посетите на косовски претставници на ЕУ и задржување на голем дел од економската помош на ЕУ.

„Добри вести за Косово“, рече фон дер Лајен во објава на X. „Планираме 216 милиони евра финансиска помош и имаме намера да ослободиме 205 милиони евра на почетокот на следната година“, напиша таа.

Насилството избувна во северно Косово во 2023 година откако градоначалниците од етничките Албанци ја презедоа функцијата со победа на локалните избори. Изборите беа бојкотирани од Србите, барајќи спроведување на договор стар десет години со кој им се дава поголема автономија.

Околу 30 мировници на НАТО кои ги чуваа градските собранија беа повредени во судирите со српските демонстранти, а повредени беа и 52 Срби.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ одлучила да ги укине мерките откако српските градоначалници ја презедоа функцијата по локалните избори во октомври.

Косово треба да одржи нови парламентарни избори на 28 декември откако не успеа да формира влада по изборите во февруари.

 

фото/депозитфотос

Текстот ЕУ ги укинува санкциите за Косово и ја отклучува финансиската помош е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top