ЕУ и САД постигнаа компромис за спроведување на трговскиот договор

ЕУ и САД постигнаа компромис за спроведување на трговскиот договор

пред 3 часа

Европската унија денеска постигна договор за примена на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави. Преговарачите од Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија договорија компромисно решение по повеќе од пет часа интензивни разговори за законодавството со кое се спроведува договорот постигнат минатото лето.

Според одредбите на овој договор, Унијата се согласи да ги укине царините за американските индустриски и за одредени земјоделски производи, додека Вашингтон се обврза да ги ограничи царините за поголемиот дел од европскиот извоз на 15 проценти, пишува бриселскиот портал „Политико“.

Увид во конечниот текст на компромисот покажува дека Европската комисија, на барање на Парламентот или на земја-членка, ќе има право да го суспендира трговскиот договор доколку Вашингтон не ги намали царините за европските производи од челик и алуминиум до крајот на 2026 година, кои во моментов достигнуваат и до 50 проценти. Договорот исто така предвидува дека ЕК на крајот на годинава ќе ги информира Европскиот парламент и Советот на ЕУ за американските тарифи за челик, по што ќе процени дали е потребна суспензија доколку се утврди дека САД не ги почитуваат преземените обврски.

Европските преговарачи во текстот вметнаа и таканаречена излезна клаузула, според која договорот би истекол во декември 2029 година, односно речиси една година по заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа. Документот содржи и заштитни мерки кои ја обврзуваат Европската комисија да покрене истрага — по сопствена иницијатива или на барање на три земји-членки — доколку увозот претставува сериозна закана за домашната индустрија, што остава простор за делумно или целосно замрзнување на договорот.

Гласањето за овој текст е предвидено за пленарната седница на Европскиот парламент, која ќе се одржи од 15 до 18 јуни во Стразбур.

„Политико“ потсетува дека Брисел ги забави преговорите за спроведување на договорот откако американскиот претседател Доналд Трамп во јануари се закани со анексија на Гренланд, како и во февруари, откако Врховниот суд на САД отфрли голем дел од неговата царинска агенда. Крајниот компромис беше постигнат откако Трамп се закани дека од 4 јули ќе воведе царина од 25 проценти за европските автомобили, со што директно го загрози трансатлантскиот трговски однос вреден 1,7 трилиони евра годишно, пренесува агенцијата Танјуг.

Висок функционер на ЕУ запознаен со преговорите, кој побара да остане анонимен, изјави дека земјите-членки инсистирале од договорот целосно да се исклучат сите прашања кои не се директно поврзани со трговијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави постигнатиот компромис, нагласувајќи дека Унијата останува доследна на своите ветувања. Таа преку објава на платформата „Икс“ порача дека договорот е договор и дека со укинувањето на царините за американскиот индустриски извоз набрзо ќе се исполни европскиот дел од Заедничката изјава на ЕУ и САД. Фон дер Лајен ги повика сите надлежни институции да дејствуваат брзо за да се финализира процесот со цел да се обезбеди стабилна, предвидлива и взаемно корисна трансатлантска трговија.

Текстот ЕУ и САД постигнаа компромис за спроведување на трговскиот договор е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top